Британскиот весник „Гардијан“ објави дека повеќе нема да објавува реклами за нафтените компании, станувајќи првата медиска организација во светот која забранува примање пари од компании кои користат фосилни горива.
Одлуката, донесена со цел да се даде максимален придонес за намалување на емисијата на јаглерод диоксид и подигање на свеста за климатската криза, беше објавена во средата и веднаш стапи на сила.
Забраната се однесува на сите компании кои првенствено се занимаваат со фосилни горива, меѓу нив и некои од најголемите загадувачи во светот.
„Одлуката ја донесовме врз основа на повеќегодишни напори на многу луѓе во индустријата да се спречи какво било значајно климатско дејствување од страна на разни влади ширум светот“, напишаа директорите Ана Бејтсон и Хамиш Никлин во заедничка изјава.
Тие исто така напишаа дека нивниот одговор на глобалното затоплување е „најважниот предизвик на нашето време“ и ги потенцираа досегашните извештаи на „Гардијан“, во кои се разобличува лобирањето на енергетските компании кои имаат директно штетно влијание врз животната средина.
Активисти за животна средина веќе подолго време предупредуваат дека енергетските компании користат многу скапи реклами за да се покажат во подобро светло, во кое ги потенцираат малите инвестиции во обновливите извори на енергија, додека истовремено најголемиот дел го заработуваат од фосилни горива.
Тие, исто така, ги повикаа и другите медиумски куќи да одбијат да рекламираат вакви компании, но досега само мал број мали редакции ја прифатија иницијативата.
Од минатата година, Гардијан воведе нова терминологија, користејќи изрази како „климатска криза“ и „глобално загревање“ наместо „климатски промени“ и „глобално затоплување“.
Гардијан Медиа Груп добива 40% од своите приходи од рекламирање и тоа сè уште е главниот извор на финансирање за новинарите „Гардијан“ и „Обсервер“ ширум светот.
Бејтсон и Никлин посочија дека оваа одлука сигурно ќе им го отежне работењето на краток рок и дека очекуваат финансиски удар, но веруваат дека на долг рок е подобра опција да се изгради совесен колектив и се надеваат дека ќе стане финансиски одржлив.
Една од најпознатите невладини организации за заштита на животна средина во светот, Гринпис, ја поздрави одлуката и ја нарече храбар и решавачки момент.