Пред неколку години во Хрватска имаше случај кога еден портал се однесувал неетички во својата намера да биде релевантно мерен од сервисот Гемиус. Тогаш од компанијата излегоа со официјално соопштение (ЛИНК), го именуваа порталот, го исклучија од понатамошните мерења и испратија допис до маркетинг агенциите, медиумите и огласувачите дека тој медиум пробал да ги лажира своите посети. Тоа беше одличен потег од Гемиус со кој даде дополнителен кредибилитет на својот проект и доверба дека се грижи резултатите да бидат точни.
Изминативе неколку недели пак во македонската интернет сцена се крена голема прашина околу последно објавените, декемвриски статистики на посетеност на порталите каде воочлив е исклучително неприродниот раст на позитивни статистички параметри на еден (некои велат два) македонски портал/и.
Во јавноста се огласија повеќе медиуми кои изразија сомнеж во релевантноста на системот за мерење и последно објавените резултати а неофицијално се појавија и повеќе најави за излегување од понатамошните мерења на неколку исклучително важни, големи и влијателни портали.
ГЕМИУС е на потег да реагира во оваа ситуација и да си го поврати кредибилитетот кој сериозно е нарушен од шпекулациите дека “кумува“ во резултатите кои се објавуваат.
Очекуваме да излезат со официјално соопштение за целата ситуација и да приложат аргументи со кои ќе се обидат да ја расчистат целата ситуација.
Ако некој портал лажирал статистики, да биде јавно објавено неговото име и да биде исклучен од понатамошните мерења.
Ако е направена некаква техничка грешка од системот, јавно да се извинат и да се корегираат за да го исчистат сомнежот кон порталот/порталите кои неофицијално се посочуваат.
Како и да е, Гемиус сега е на потег и мора јавно да реагира.
На крај се прашуваме што би било доколку порталот/порталите кој/и нашле начин да ги лажираат резултатите (а да не бидат откриени и официјално прозвани од Гемиус) својот “успех“ би го лажирале постепено….не воочливо…месец за месец ? Дали нивните (на Гемиус) статистики за “првите места“ би ги окупирале портали кои знаат поумешно да лажираат отколку поумешно да работат и привлекуваат публика?
Оваа ситуација, ако не биде навремено реагирано, ни дава за право да сметаме дека тоа е можно !