Генералната бизнис директорка Марне Левин соопшти дека ќе го напушти технолошкиот гигант Мета по 13 години поминати во компанијата каде што извршуваше повеќе лидерски улоги. Таа ќе остане во компанијата до следното лето со цел да обезбеди беспрекорна транзиција на позицијата.
„Од водење на глобални политики, до раст на нашиот бизнис на Инстаграм како прв генерален опративен директор, до водство на нашите тимови за огласување и деловни партнерства, Марне беше неверојатен лидер во Мета во последните 13 години. Благодарен сум за нашето партнерство, нејзината посветеност на Мета и енергијата што ја внесуваше во компанијата секој ден“ – изјави генералниот оперативен директор на Мета, Хавиер Оливан.
Компанијата ја искористи оваа прилика за да го соопшти и унапредувањето на Никола Менделсон и Џастин Ософски, кои што ќе преземат проширени улоги во секторите на продажба и партнерство, претставувајќи ја компанијата пред огласувачите и деловните партнери. За својата работа, тие ќе поднесуваат извештаи директно до генералниот оперативен директор Хавиер Оливан.
Проширената улога на Никола Менделсон како раководителка на Global Business Group сега ќе вклучува и надгледување на глобалните партнерства и инженерство, водејќи обединета организација која ги поддржува партнерите на компанијата во нивниот раст на глобално ниво. Од компанијата сметаат дека интегрирањето на овие тимови ќе го зајакне нивниот огласувачки бизнис, ќе создаде оперативна ефикасност и ќе го подобри извршувањето во начинот на кој ги поддржуваат нивните партнери.
Џастин Ософски, кој е актуелен раководител на тимот за онлајн продажба, операции и партнерства, ќе ги прошири своите надлежности кои отсега ќе вклучуваат и раководење со продажбите и операциите фокусирани на раст на малите и средни бизниси кои ги користат платформите на Мета. Тој ќе продолжи да го надгледува тимот за Content Partnerships, кој што има задача да им помага на луѓето да ги откријат најинтересните, релевантните и персонализираните содржини на Фејсбук и Инстаграм.