Сер Џонатан Пол Ајв, попознат како Џони Ајв, дизајнерската креативна сила позади најуспешните производи на Apple, ќе ја напушти компанијата после 27 година со цел да отвори свое дизајнерско студио – LoveFrom.
Ајв е познат по тоа што играл значајна улога во минималистичката естетика на Apple по неговото вработување во компанијата во 1992 година. Тој работел заедно со Стив Џобс во креирањето на дел од најиконичните производи на Apple, како што се шарените iMac G3 компјутери и првиот оригинален iPhone, што на компанијата им донеле приходи од милиони долари.
Според Apple, тие ќе продолжат да соработуваат со Ајв и неговото дизајнерско студио на идните проекти на компанијата. Интересно е да се истакне дека Apple нема да назначи нов генерален директор за дизајн на местото на Ајв.
Наместо тоа, потпретседателот за индустриски дизајн Еванс Хенки и потпретседателот за интерфејс дизајн Алан Дај, кои ќе го предводат дизајнерскиот тим, ќе одговараат директно пред генералниот оперативен директор на компанијата, Џеф Вилијамс.
Оваа одлука на компанијата беше примена со доза на негодување од дел од јавноста, сметајќи дека одделот за дизајн на Apple ќе изгуби дел од својата автономија, а одлуките ќе мора да ги носи човек чија примарна професионална определба не е дизајнот.
Дизајнерското студио LoveFrom на Џони Ајв ќе започне со работа во 2020 година, со седиште во Калифорнија, САД.