Овогодишното 96. издание на доделувањето на најпрестижната филмска награда во светот, Оскарите, постигнало просечна телевизиска гледаност од 19.5 милиони гледачи на американскиот пазар – соопшти Nielsen.
Овогодишните Оскари забележаа пораст на гледаност од 4% во однос на минатата година, кога просечната бројка на гледаност изнесувала 18.8 милиони гледачи, означувајќи продолжување на нагорниот тренд забележан во последните четири години.
За споредба, Оскарите во 2022 година биле гледани од просечно 16.6 милиони луѓе, а во пандемиската 2021 година – од само 10.4 милиони гледачи, означувајќи ја најдолната точка во историјата на нивниот телевизиски пренос.
Меѓутоа, настанот сè уште треба да ги достигне предпандемиските бројки. Во 2020 година, на месец дена пред воведувањето на карантинот, Оскарите забележале просечна гледаност од 23.64 милиони гледачи.
И покрај позитивниот раст во општата бројка на просечна гледаност, треба да се забележи фактот дека се намалила гледаноста кај клучната демографска категорија на лица помеѓу 18-49 годиини. Имено, кон таа категоријата припаѓале 5.03 милиони гледачи на овогодинешниот пренос, а 5.32 милиони гледачи на минатогодишниот пренос.
Како еден од факторите кои придонеле за растот на овогодишната гледаност се споменува поместувањето на времето на почеток на церемонијата за еден час порано од претходните години, односно во 19 часот по Источноамериканско време и 16 часот по Пацифичко-американско време.
Преносот на Оскарите, традиционално, го вршеше американската телевизија ABC.