Глобалните медиски инвестиции во текот на минатата 2022 година достигнале вкупен износ од 401 милијарди американски долари, покажуваат резултатите на истражувањето “2022 Billings Rankings & Market Shares” спроведено од COMvergence.
Инвестициите во 2022 година се зголемиле за 6.4% во однос на претходната 2021 година, кога нивниот вкупен износ изнесувал 377 милијарди долари.
Уделот на „големата шестка“ на огласувачки групации (WPP, Omnicom, Publicis Groupe, Interpublic Group, Havas и Dentsu) во вкупните медиски инвестиции во светот во 2022 година изнесувал 53%, односно 213 милијарди долари.
Дури 48% од вложувањата на „големата шестка“ и другите поголеми независни агенции во светот биле реализирани во однос на дигиталните медиуми, забележувајќи значаен пораст во однос на претходната 2021 (43%) и 2020 година (39%).
Најмногу медиски вложувања во светот реализирала агенцијата OMD, дел од групацијата Omnicom, во износ од 22.5 милијарди долари. На второто и третото место се најдоа медиските агенции Mindshare и MediaCom, двете дел од групацијата WPP, со реализирани инвестиции во вредност од 22 и 20 милијарди долари, соодветно.
Најголем процент од медиските вложувања биле реализирани во Северна Америка (39%), по што следува Азиско-Пацифичкиот регион (34%), па регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (25%). Најмалку инвестиции биле реализирани во Латинска Америка (2%).
Истражувањето на COMvergence било спроведено врз основа на податоци добиени од 46 земји, каде што се проценува дека биле реализирани 96% од вкупните медиски инвестиции во светот.