Според најновиот извештај „Global Ad Spend Forecasts“ на Dentsu, глобалната потрошувачка за огласување во 2026 година ќе порасне за 5,1% и за првпат во историјата ќе го надмине износот од 1 милијарда американски долари, со што огласувачкиот пазар продолжува да расте побрзо од глобалната економија.
Иако светската економија се соочува со забавување, побарувачката за медиуми останува силна, поттикната од промените во однесувањето на потрошувачите, забрзаната дигитализација и влегувањето во она што Dentsu го нарекува „алгоритамска ера“ – период во кој медиумите стануваат не само канал, туку и клучен двигател на растот на брендовите.
Како што алгоритмите сѐ повеќе одредуваат што луѓето гледаат, следат и купуваат, брендовите влегуваат на пазар во кој вниманието е сѐ повреден ресурс, а секоја интеракција претставува можност за поврзување. Надминувањето на прагот од една милијарда долари означува нова фаза во развојот на пазарот. Денес медиумите функционираат како влезна порта за секој бренд и претставуваат главен механизам за создавање релевантност и долгорочна вредност, истакнува Вил Свејн, претседател за глобални практики, медиуми и интегрирани решенија во Dentsu International. Тој додаде дека во претстојната алгоритамска ера најуспешни ќе бидат оние брендови кои разбираат како алгоритмите го обликуваат откривањето содржини и донесувањето одлуки, a кои медиумите ги користат како стратешки мотор на раст.
Следната година ќе биде обележана и со низа големи глобални настани – од Зимските олимписки игри, преку Светското фудбалско првенство, до значајни изборни циклуси, кои што дополнително ќе го поттикнат ангажманот на публиката во различни медиумски средини. Но интересите на публиките продолжуваат да се шират и надвор од традиционалните формати. Спортските документарни серии стануваат сѐ погледани, речиси половина од Генерацијата Z неделно следат јапонски анимирани серии („аниме“), а во САД повеќе млади се изјаснуваат како љубители на „аниме“ отколку како навивачи на големите спортски лиги. Во таква средина, сѐ поголем број маркетинг-лидери планираат инвестиции во оригинална содржина и спонзорства, со што дополнително се прошируваат креативните можности за брендовите.
Гледано регионално, пазарот останува силен и релативно избалансиран. Северна и Јужна Америка во 2026 година ќе забележат раст од 5,2%, при што САД остваруваат стабилен напредок поттикнат од спортски и политички настани, додека Бразил предничи меѓу големите пазари. Регионот „Азија-Пацифик“ и натаму е најдинамичен, со раст од 5,4%, при што Кина и Индија бележат особено силен замав. Во регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка се очекува раст од 4,2%, а Обединетото Кралство останува најбрзо растечкиот пазар.
Дигиталното огласување останува доминантна сила на огласувачкиот пазар и ќе сочинува речиси 69% од вкупната глобална потрошувачка. Особено силен раст бележат малопродажните медиуми, онлајн видеото и социјалните мрежи, а програматското огласување влегува во фаза во која ќе учествува со повеќе од четири петтини од сите дигитални инвестиции. Традиционалните медиуми исто така покажуваат отпорност – телевизиското огласување бележи благ опоравок, надворешното огласување продолжува стабилно да расте благодарение на дигитализацијата на јавните простори, додека единствениот сегмент во пад е печатот, иако „ниш“-медиумите во последните години покажуваат знаци на ревитализација.
Меѓу секторите на огласувачите, најбрзо расте технолошката индустрија, поттикната од развојот на вештачката интелигенција и иновациите во поврзаниот екосистем, а силен раст бележат и политичките, општествените и владините субјекти, како и индустријата за пијалаци, во подготовка за голема спортска година.
Целиот извештај можете да го преземете на следниот ЛИНК.












