27-миот меѓународен фестивал на креативноста Golden Drum, оваа година ќе биде бесплатен и ќе се одржи онлајн во периодот помеѓу 13 и 15 октомври 2021 година.
На фестивалската сцена ќе се претстават повеќе од 50 говорници. Меѓу нив е и Фернандо Мачадо, еден од најпознатите и наградувани маркетинг директори, кој се прослави со провокативните реклами за Бургер Кинг, а денес пишува успешни приказни во компанијата за развој на видео игри Activision Blizzard.
Дамиен Марчи, виш потпретседател за развој на општествена одговорност во медиумската компанија Вивенди, ќе зборува за промените во забавната индустрија и раскажувањето приказни коишто ќе го разбудат светот и ќе предизвикаат желба за промени на подобро.
Мајкл Мојнихан, виш потпретседател за глобален бренд, маркетинг и партнерства во компанијата ЛЕГО, ќе открие зошто кризата на креативноста сеуште трае и како можеме да ја надминеме.
Своите приказни, искуства и ставови ќе ги споделат и Ејнат Гуез, извршен директор и ко-основач на „Папаја глобал“, еден од најбрзо растечките стартапи во Израел, и Раџа Раџаманар, раководител за маркетинг и комуникации и претседател на деловни решенија за здравствена заштита во компанијата Мастеркар – експерт чии кампањи беа обликувани во студии на случај на универзитетите Харвард и Јеил.
Повеќе информации за фестивалот Golden Drum, пријавувањето за неговиот натпреварувачки дел и за бесплатната онлајн едукативна програма со одлични говорници, можете да најдете на следниот линк.