Големите технолошки компании како што се Гугл, Фејсбук и Амазон и понатаму користат многу нејасни термини и не обезбедуваат доволно информации за тоа како може целосно јасно да се разбере што точно прифаќаат корисниците
Во пресрет на влегувањето во сила на Општата регулатива за заштита на податоците, малите и големите компании се обидоа да го усогласат своето работење со GDPR, а корисниците од ЕУ во инбокс беа преплавени со голем број на мејлови во кои бараа согласност за понатамошно испраќање на newsletter-и и промотивни пораки. Иако голем број на компании внесоа бројни промени со кои го прилагодиле работењето и приватноста на корисниците со GDPR, политиките за приватност на големите компании како што се Фејсбук, Гугл и Амазон сè уште не ги исполнуваат целосно барањата на оваа Регулатива.
На овој проблем предупреди групата за заштита на европските потрошувачи BEUC, која ги анализираше политиките за приватност на 14 големи интернет компании. Тие заклучија дека компаниите и понатаму користат нејасни термини, од корисниците бараат согласност за некои проблематични права за користење на нивните услуги и не обезбедуваат доволно информации, со цел целосно јасно разбирање за тоа што точно прифаќаат корисниците.
На пример, во правилата за користењете во Амазон се напоменува дека нивната работа постојано се менува и соодветно на тоа ќе се менуваат и правилата – што во BEUC го сметаат како проблематично, затоа што компанијата го задржува правото за дополнително да ги промени правилата за приватност, без претходно известување до корисниците.
Ова е многу загрижувачки, вели генералниот директор на Организацијата на европските потрошувачи Моник Гоенс и вели дека надлежните органи за спроведување на оваа регулатива треба да се справат со овие компании и нивните политики за приватност и заштита на личните податоци.
Во оваа организација има намера да испробаат модел кој користи вештачка интелигенција, кој автоматски ќе ги скенира политиките за приватност на компаниите и ќе пронаоѓа делови кои можеби не се во согласност со GDPR, со цел луѓето да можат детелно да ги испитаат тие делови и да видат дали со нив се крши Регулативата за заштита на личните податоци.
Од Гугл и Амазон, во разговор со новинарите за Гардијан не ги коментираа конкретните проблеми, односно одредени делови од кои во BEUC сметаат дека се проблематични, но велат дека пред влегувањето во сила на GDPR ги надоградиле правилата за приватност, со цел да бидат во целосна согласност со Општата регулатива за заштита на личните податоци.