Британско-шведската фармацевтска компанија АстраЗенека, која во изминатата година се здоби со популарност и кај нас поради својата вакцина против Ковид-19, сега лансираше нова рекламна кампања за промоција на нивната вакцина против сезонскиот грип.
Кампањата насловена „The Big Sneeze“ („Големото кивање“) има за цел да ги охрабри родителите да ги вакцинираат своите деца против сезонскиот грип, така што ги нагласува ризиците на грипот. Притоа, главна „тема“ на кампањата е кивањето, како еден од главните начини на кои се пренесува вирусот.
Централниот спот на кампањата претавува видео снимено во кино, каде се проектира краток филм за грипот. Притоа, кога доаѓа време за главниот лик да кивне, публиката тоа го чувствува на „своја кожа“, преку спреј со вода кој ги попрскува гледачите од страна на екранот.
Слична идеја стои и позади повеќе out-of-home реклами поставени низ градот Манчестер, кои „киваат“ врз луѓето кои поминуваат покрај нив.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција 21Grams и продукциските куќи Partizan и Beautiful Productions.