Google одлучи во текот на наредните пет месеци да престане да им наплаќа надоместок на огласувачите за Ad Manager во целиот свет, a кои беа тешко погодени од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.
Многумина забележаа пад на приходите од рекламирање заради повлекување на средствата од страна на националните и локалните огласувачи, а блокирањето на клучните зборови поврзани со коронавирусот ја отежнува заработката од поврзаните содржини.
„Со овој напор, нашата првична цел е да им помогнеме на новинските организации да намалат барем дел од трошоците за водење на нивните бизниси, а другата цел е да финансираме многу важен сектор во ова време – новинарството“, изјави Џејсон Вашинг, директор на глобалното партнерство за вести во Google.
Повеќе од 500 издавачи ги исполнуваат условите за бесплатно пласирање на реклами, а Google ќе контактира со нив во наредните денови. Нивните надоместоци беа укинати во почетокот на април.