Во Google News, во делот за пребарување повеќе нема да може да пронајдат вести што доаѓаат од сомнителни извори
Една од најактуелните теми оваа година е борбата со лажните вести, особено кога станува збор за интернет портали кои се специјално направени да шират дезинформации. Публикувањето на сомнителни содржини и од сомнително потекло, Фејсбук и Твитер досега со различни активности и промени во политиката се обидуваа да го елиминираат од јавниот простор, а Гугл досега овие содржини ги означуваше како безначајни и се обиде да го намали нивното прикажување во резултатите од пребарувањето.
Сега, сепак, Гугл сака целосно да ги отстрани сомнителните извори од делот за Google News, кој се користи за пребарување вести од голем број извори низ целиот свет. Со промена на своите регулативи за објавување и промовирање на вести, на издавачите им се забранува криење од јавноста на нивната земја на потекло, сопственост и примарна цел на нивното постоење.
Сите оние кои сакаат нивните објави да се најдат во рамките на услугата Google News ќе мора да се прилагодат на новите правила, со што читателите би требало да бидат заштитени од содржината што доаѓа од непроверени извори. Ова треба да ги спречи ситуациите како оние што се случија за време на предизборната кампања за последните претседателски избори во САД.
Тогаш беше откриено дека илјадници лажни вести кои се однесуваат на Доналд Трамп потекнуваат од македонскиот град Велес, каде што голем број граѓани добро заработувале за измислени вести и продавање реклами со нив.