Компанијата Wing во сопственост на матичната компанија на Гугл, Алфабет ја покренува својата прва јавна услуга за достава со дронови во Канбери, Австралија откако властите на оваа земја издале дозвола.
Околу 100 домови во предградието Грејс во Палмерстоун и Френклин на почетокот ќе имаат пристап до услугата, а во наредните месеци е планирано ширење на домовите во Харисон и Гунгалин.
Услугата ќе функционира во партнерство со локалните фирми, вклучувајќи продавници за кафе и аптеки, а доставата ќе се извршува за само неколку минути. Меѓутоа, дозволата за Wing има рестрикции, бидејќи дроновите не смеат да летаат над главните патишта, а исто така ќе може да лета помеѓу 17 и 20 часа од понеделник до петок, односно од 8 до 20 часа во сабота. Исто така, дроновите не смеат да летаат во близина на луѓе. Клиентите кои порачуваат достава со дрон исто така ќе бидат информирани за интеракцијата со нив.
Wing предвидува дека дроновите до 2030 година ќе доставуваат една од четири порачки.
Австралиската регулаторна агенција CASA наведува дека веројатно станува збор за прва ваква услуга на светот, што значи дека Гугл сепак го победи Амазон кога станува збор за комерцијалната услуга наменета за јавноста.
На истиот пазар сака да влезе и израелската компанија Flytrex која уште од 2017 година започна да ги тестира своите дронови. Оваа компанија произведувала комерцијални дронови за ланец продавниците 7 Eleven во САД во 2016 година.