Откако беше најавено дека Microsoft ќе го интегрира популарниот четбот базиран на вештачка интелигенција ChatGPT во рамки на пребарувачот Bing, сега конкурентот Google реши официјално да го претстави својот сопствен четбот со вештачка интелигенција по име Bard.
Технологијата ќе започне да се имплементира во следните неколку недели и ќе служи како директен конкурент на популарниот ChatGPT. Во случајот на Bard, системот ќе се потпира на јазичниот модел на Google за апликации за дијалог познат како LaMDA.
Компанијата открива дека софтверот најпрво ќе биде достапен за „доверливите тестери“ пред да го отвори за јавноста. Од Google велат дека главната цел на Bard ќе биде да ги направи информациите „универзално достапни и корисни“ за сите.
„Се потпира на информации од интернетот за да обезбеди свежи, висококвалитетни одговори. Bard може да се користи како израз за креативност, но и како лансирно поле за љубопитност“ – објаснува извршниот директор на Google, Сундар Пичаи.
Од Google сметаат дека вештачката интелигенција ќе им овозможи на корисниците да добиваат подлабоки увиди и сознанија за различни теми, дозволувајќи им да истражуваат различни мислења и перспективи наместо еднострани одговори.
„Без разлика дали се работи за примена на вештачка интелигенција за радикално трансформирање на нашите сопствени производи или за правење на овие моќни алатки да бидат подостапни за сите, ние ќе продолжиме да бидеме храбри со иновациите и одговорни во нашиот пристап. И тоа е само почеток!“ – истакнува Сундар Пичаи.