Пребарувачот најверојатно ги искористи своите предности и потребните ресурси за да обезбеди усогласеност со новите регулативи
Извор: WARC
Бројот на веб тракери кои делуваат во Европската унија по воведувањето на Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) се намали и до 31%, но новите истражувања покажуваат дека Google всушност добива пристап до уште повеќе информации отколку порано.
Многу луѓе во индустријата на огласувањето очекуваа дека одредбите за транспарентност од GDPR ќе го забават Google и другите технолошки гиганти во собирањето на лични податоци. Но, според наодите на компаниите за заштита на приватноста Cliqz и Ghostery, Google имаше “индиректна корист” од ефектите на GDPR, бидејќи “се чини дека успешно ги искористи нејасностиите околу GDPR со цел за понатамошно зацврстување на својата водечка позиција на пазарот.”
Според блог постот на уредникот на Cliqz, Бјорн Греф, двете компании дојдоа до овој заклучок по споредбата на количината на тракери во Европа од април до јули оваа година, со цел да добијат слика за состојбата пред и по GDPR, која стапи во сила на 25 Мај.
Тие ја користеа заедничката алатка WhoTracks.me која ги анализирала топ 2.000 домени во Европа, вклучувајќи околу 300 милиони вчитани страници и повеќе од половина милион веб-сајтови.
Анализата покажа дека малите огласувачи изгубиле помеѓу 18% и 31% од нивниот досег. Од друга страна, Фејсбук тракерите се намалиле за само 7%, додека Google незначително го зголеми досегот за 1%.
При подлабока анализа на веб категориите, истражувањето покажа дека бројот на тракери на информативните веб сајтови се намалил за 7,5% во текот на тој период, на страниците за е-трговија се намалил за 6,9%, додека на сајтовите за рекреација паднал од 6, 7%. Само банкарските страници забележале пораст (7,4%), но тие во просек имале само 2,6 тракери по страница.
“За корисниците, ова значи дека, иако бројот на тракери кои бараат пристап до нивните податоци се намалува, мал број од нив (вклучително и Google) добива уште повеќе нивни податоци”, се вели во извештајот.
Cliqz и Ghostery претпоставуваат дека Google и другите големи технолошки гиганти,веројатно ги користат своите предности во форма на обем и ресурси кои ги имаат на располагање за да обезбедат усогласеност со GDPR.
Друго можно објаснување е дека Google можеби ја искористи својата доминантна позиција на пазарот за да ги поттикне издавачите да го намалат бројот на тракери на нивните сајтови, а со тоа и бројот на конкурентите во областа на огласувачката технологија.
Исто така, можно е сопствениците на веб-страниците одлучиле да “играат сигурно”, така што ќе ги исфрлат помалите огласувачи кои веројатно имаат потешкотии да ја докажат усогласеноста.