Еден од начините на кои Google им помага на корисниците да го разберете светот е поврзувајќи ги со најширокиот опсег на перспективи, од секојдневни луѓе до авторитативно новинарско известување. Во таа насока, компанијата ќе имплементира две нови функции кои ќе им помогнат на корисниците да добијат уште повеќе гледишта, со цел добивање на дополнителен контекст и избор при пребарувањето.
Интернет форумите можат да бидат корисно место за наоѓање совети од прва рака и за учење од луѓе кои имаат искуство со нешто што ве интересира. Со цел поедноставување на дигиталниот пат до вакви содржини при пребарувањето, Google воведува нова функција која ќе се појави кога корисниците ќе пребаруваат за лични искуства присутни во дискусиите на интернет форумите.
Новата функција, означена како “Discussions and forums” („Дискусии и форуми“), ќе вклучува корисна содржина од различни популарни форуми и онлајн дискусии ширум интернетот поврзани со темата од интерес која се пребарува.
Функцијата ќе биде веднаш достапна за корисниците на англиски јазик на мобилни телефони во САД. Како и со сите други функции за пребарување, од компанијата ќе следат како корисниците ја оценуваат оваа нова функција и доколку се покаже како добра – постепено ќе биде проширена и на другите светски пазари и јазични подрачја.
Од Google исто така го објавија воведувањето на нова функција за избегнување на јазичните бариери кога станува збор за добивање локални перспективи за меѓународни вести.
Според моменталната состојба, кога нешто пребарувате – ги гледате резултатите на вашиот претпочитан јазик. Меѓутоа, од почетокот на 2023 година, од Google ќе воведат нова функција која ќе им овозможи на луѓето на едноставен начин да најдат преведени вести користејќи машински превод.
Оваа функција е замислена да ги поврзува читателите кои бараат меѓународни вести со релевантно локално известување на други јазици, давајќи им пристап до поцелосно покривање на теренот и овозможувајќи им нови глобални перспективи.
Имено, корисниците ќе можат да пребаруваат и да гледаат преведени наслови од вести од медиуми во различни земји, покрај оние напишани на претпочитаниот јазик. Односно, корисниците ќе можат да читаат авторитативно известување од новинари во самата земја каде се случило нешто, давајќи им единствена перспектива за тоа што се случува таму.
При иницијалното лансирање на оваа функција, Google ќе ги преведува на англиски јазик резултатите од новински статии напишани на француски, германски и шпански јазик.