Во текот на 2018 година, Гугл започна да блокира некои реклами во Google Chrome, а за да се постигне ова, компанијата се потпира на упатствата на Коалицијата за подобри реклами (Coalition for Better Ads), која разви Better Ads Standard. Овие упатства утврдуваат кои можат да се сметаат за нападни реклами кои негативно влијаат на корисничкото искуство на сајтовите.
Преку Коалицијата за подобри реклами, најголемата компанија за онлајн рекламирање на интернет се обидува, заедно со програмерите, да изгради подобра мрежа, која ќе биде пријатна за сурфање, а сепак финансиски погодна за огласувачите и издавачите.
Сега Коалицијата за подобри реклами објави нови стандарди за подобри реклами, кои се фокусираат на видеата со краток формат, поточно оние што траат осум минути или помалку. За развој на овие стандарди, коалицијата се ослони на податоците од 45.000 потрошувачи во осум земји, кои претставуваат 60% од глобалната потрошувачка на реклами.
Врз основа на своето истражување, Коалицијата утврди дека постојат три типа на нападни реклами за видео содржини со краток формат. Прво, pre-roll рекламите кои траат 31 секунда или повеќе и не овозможуваат можност за прескокнување на рекламите во текот на првите 5 секунди; второ, mid-roll рекламите кои ја прекинуваат репродукцијата на видеата; и трето, „нелинеарно“ прикажување на реклами кои покриваат повеќе од 20% од видео-областа или средниот дел на видеото, што одговара на една третина од вкупното траење на видеото.
Како одговор на новите стандарди поставени од Коалицијата за подобри реклами, Google објави дека ќе започне со блокирање на реклами на веб-страниците кои константно ги кршат овие упатства почнувајќи од 5 август. Веројатно е дека другите прелистувачи ќе го следат овој пример. Покрај тоа, компанијата посочува дека ќе го ревидира системот за рекламирање на YouTube за да се осигура дека и тие реклами би биле во согласност со стандардите.