Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека американскиот пребарувач Гугл не може да биде “ослободен“ од законите во Франција и дека компанијата ќе мора да им плаќа авторски права на медиумите како и сите други компании.
Макрон одговори на неодамнешната одлука на Гугл за примена на новите правила, според кои нема да им се плаќа авторски права на медиумите.
Управата на Гугл наведе дека наместо да плаќаат, ќе го пренесуваат само насловот или линкот до медиумот.
Во Франција, Законот за авторски права влегува во сила на 24 октомври, во согласност со европските реформи во однос на ова прашање.
„Законот за авторски права мора да се почитува, што подразбира дека интернет платформите или компаниите кои користат медиумски содржини мораат да плаќаат, изјави Макрон, додавајќи дека дури и големите компании не можат да се „извлечат“ од тој закон ако сакаат да работат во Франција.
Францускиот закон е усвоен со цел медиумите да добиваат пари од големите пребарувачи како Гугл и Фејсбук кои ги користат нивните содржини.
Француските власти веруваат дека одлуката на Гугл за прикажување само наслов или линк до медиумите не е во духот на законот.