Споделувањето велосипеди стана доста популарно во последниве години, при што сè повеќе луѓе се одлучуваат за овој вид превоз, затоа што им овозможува да не купуваат велосипед кој им е потребен само за еден дел од патувањето. Веќе постојат над 1.600 вакви системи и над 18 милиони велосипеди кои се споделуваат во поголемите градови низ целиот свет, поради што Google Maps планира да понуди информации во реално време за достапните велосипеди.
Сервисот првично ќе биде достапен во 24 градови во 16 земји, а во текот на 2018 година е веќе активиран во Њујорк. На корисниците им се нуди информација за станиците за споделување и бројот на достапни велосипеди, како и дали има простор на некоја станица да се паркира велосипед кој веќе не е потребен.
Сервисот е креиран како дел од партнерството со Ito World и функционира со константно ажурирање на информациите за достапните велосипеди и станиците во рамките на апликацијата.
Опцијата е достапна за iOS и Android во Барселона, Брисел, Берлин, Будимпешта, Чикаго, Даблин, Хамбург, Хелсинки, Каосиунг, Лос Анџелес, Лондон, Лион, Мадрид, Мексико Сити, Монтреал, Виена, Варшава, Цирих и наскоро треба да пристигне и во други земји и градови кои веќе работат на развој на систем за споделување велосипед.