Американскиот технолошки гигант Google ја назначи Деби Вајнштајн за нова претседателка на компанијата задолжена за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка. Досега, таа ја извршува функцијата потпретседател и управен директор на Google во Обединетото Кралство и Ирска.
На нејзината нова позиција, Вајнштајн ќе им помага на корисниците, бизнисите, партнерите и властите во регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка да го отклучат огромниот потенцијал на вештачката интелигенција. Таа истовремено ќе води над 29.000 вработени на Google во споменатиот регион, распоредени низ 56 канцеларии во 35 земји.
„Воодушевена сум што можам да соопштам дека ќе застанам во улогата на претседател за Европа, Блискиот Исток и Африка во Google, компанија во која ги поминав последните десет години; водам регион што добро го познавам, откако поминав голем дел од мојот живот работејќи и водејќи тимови овде“ – напиша Вајнштајн.
„Откако се приклучив на Google, бев сведок на толку многу смели, иновативни скокови во нашата работа, од лансирањето на Google Lens во 2017 година до воведувањето во новата ера на Gemini во 2023 година. Дури и во последната недела видовме извонреден развој на вештачката интелигенција на Google – од Gemini 2.0, нашиот најспособен модел досега, до нашиот најнов квантен чип, Willow. Овој момент е навистина возбудлив за нас – бидејќи продолжуваме да правиме извонредни откритија во сферата на вештачката интелигенција за да се увериме дека сите низ нашиот регион и светот ќе имаат корист од оваа технологија“ – додава нова претседателка на Google за Европа, Блискиот Исток и Африка.
„Ова е ера на вештачка интелигенција и само што почнуваме да го гледаме нејзиното трансформативно влијание врз бизнисот и општеството. Во таков клучен момент за технологијата, воодушевен сум што назначивме визионерски лидер да биде наш претседател на Google за Европа Блискиот Исток и Африка. Деби носи портфолио на раст што ќе им користи на сите, заедно со страста и фокусот потребни за да им помогнеме на нашите клиенти да успеат, бидејќи го носиме најдоброто од Gemini на Google до сите ширум Европа, Блискиот Исток и Африка“ – додава Филип Шиндлер, виш потпретседател и генерален бизнис директор на Google.