Гугл исто така тврди дека 320.000 лоши издавачи биле исфрлени од огласувачката мрежа во изминатата година
Во 2017 година, Гугл отстрани повеќе од 3,2 милијарди “лоши реклами” како дел од своите напори за спречување на оние кои ја злоупотребуваат нивната огласувачка мрежа. За споредба, треба да се напомене дека во 2016 година оваа компанија отстрани „само”1,7 милијарди такви реклами.
Гугл исто така тврди дека тие минатата година блокирале 79 милиони реклами на нивната мрежа кои корисниците автоматски ги праќале на веб-сајтови со закана од малициозен софтвер и отстраниле 400.000 такви небезбедни веб-страници.
Бројките исто така укажуваат дека се отстранети 66 милиони реклами кои имитирале системски сигнали за да ги убедат корисниците да кликнат на нив, како и 48 милиони реклами што ги измамиле корисниците да инсталираат несакани програми.
Кога станува збор за издавачите, Гугл тврди дека тие отстраниле 320.000 лоши издавачи од нивната рекламна мрежа, во обид да ги “отстранат економските стимулации за сајтовите за креирање и ширење измамнички содржини онлајн.”
Повеќе од 7.000 кориснички сметки на AdWords се отстранети поради одредени прекршувања. Станува збор за сметки кои се обидуваат да го измамат системот, така што се преправаат дека се вести. Кога корисникот ќе кликне на таа вест, тој се насочува кон сајтови кои се обидуваат да продаваат нешто како производи за слабеење, а не вести.
Во 2017 година, Гугл додаде 28 нови правила за огласувачите и 20 нови издавачки политики насочени кон борбата против новите закани и подобрувањето на онлајн-рекламното искуство, а оваа година планира да воведе дополнителни правила за справување со рекламите за нерегулираните, премногу сложени или шпекулативни финансиски производи “, што алудира, пред сè, на рекламите за криптовалути.