Google се обидува да ја заобиколи антимонополската легислатива со предлог да го подели својот огласувачки бизнис помеѓу себе и матичната компанија Alphabet.
Според извештајот на The Wall Street Journal, овој потег е дизајниран делумно да ги спречи казнените мерки од американското Министерство за правда поврзани со доминацијата на Google во индустријата за дигитално огласување.
Сето ова следи по бројни иницијативи и реални тужби од американските регулаторни тела поврзани со монополско однесување. На пример, во 2020 година, Министерството за правда поднесе граѓанска антимонополска тужба поврзана со активностите на Google во САД, особено во однос на случаи каде компанијата врши бизнис и од двете страни на равенката – купување и продавање.
Според предложеното решение, продажната страна на Google Ads би требало да биде префрлена на Alphabet, а останатиот дел од бизнисот да остане во рацете на Google.
Сепак, не е јасно до кој степен поделбата всушност би влијаела на огласувачкиот бизнис на Google. Иако би постоела номинална поделба, различните вертикали во рамките на Alphabet, генерално, функционираат многу тесно. Не е јасно и дали регулаторите воопшто би прифатиле едно вакво решение, со оглед на тоа што информациите за неговото функционирање се’ уште не се доволно детални.
Меѓутоа, треба да се забележи дека ова, наводно, е само еден дел од едно изнесено решение, со шпекулации дека огласувачките практики на YouTube би можеле да се решаваат засебно.