Технолошкиот гигант Google објави дека по трет пат ќе го одложи укинувањето на „колачињата“ од трети страни во својот прелистувач Chrome. Како причина се наведуваат регулаторни предизвици и недоволна подготвеност од индустријата.
„Препознаваме дека постојат тековни предизвици поврзани со усогласувањето на различните повратни информации од индустријата, регулаторите и програмерите и ќе продолжиме тесно да се ангажираме со целиот екосистем“ – наведуваат од компанијата.
Таканаречените „колачиња“ се дигитални траги што секој корисник ги остава на веб-страниците што ги посетува – вредни податоци за огласувачите кои им овозможуваат да нудат производи и услуги на корисници според регистриран интерес. Но, поради зголемената грижа кај корисниците за нивната интернет приватност и заштитата на личните податоци, предвидено е ограничување или целосно укинување на собирањето „колачиња“.
Google го најави укинувањето на „колачињата“ уште во 2020 година, но повеќепати го одложуваше процесот. Во јануари оваа година, компанијата реши конечно да престане да следи 1% од „колачињата“ кај глобалните корисници на прелистувачот Chrome. Меѓутоа, следуваа низа забелешки од страна на повеќе регулаторни тела, пред сè во Обединетото Кралство.
Следствено, Google повторно се реши да го одложи целосното укинување на „колачињата“ – до почетокот на 2025 година, според новиот план.
Како алтернатива на „колачињата“, Google го предлага воведувањето на функцијата “Ad Topics”, како дел од инцијативата “Privacy Sandbox”, која корисниците ќе ги групира според интереси. Со оваа функција, огласувачите нема да таргетираат поединци, туку групи на корисници. Истовремено, тоа ќе се остварува преку податоци што се зачувани на уредите на корисниците, без трети страни да имаат пристап до нив.