Технолошкиот гигант Google лансираше нов генератор со вештачка интелигенција кој на корисниците им овозможува да креираат музика со едноставен текстуален опис.
Експериментална алатка MusicLM е отворено достапна за јавно тестирање во рамки на AI Test Kitchen – платформата на Google намента за експериментирање со иновации од областа на вештачката интелигенција.
Употребата на генераторот е сосем едноставна, барајќи само текстуален опис како на пример „амбиентална музика со нежен звук при која можам да учам“ или „две акустични гитари со најлонски жици кои свират во фламенко стил“.
По внесувањето на описот, платформата ќе генерира две песни, а корисникот ќе треба да избере која од песните повеќе му се допаѓа со цел да ѝ помогнете на вештачката интелигенција да продолжи да учи и да се унапредува.
Музиката што ја продуцира платформата MusicLM наводно не се заснова на конкретни изведувачи или вокали, туку повеќе работи како генератор на амбиентална музика што можете да ја прилагодувате по ваш вкус.
Од Google објаснуваат дека ангажирањето на музичари и одржувањето на работилниците ѝ помогнале на компанијата да научи како уметниците можат да го интегрираат MusicLM во креативниот процес.