Технолошкиот гигант Google и нивниот оддел за интернет-приватност Privacy Sandbox Initiative, претставија нова потенцијална алтернатива на познатите „колачиња“ – технологија која го следи и персонализира однесувањето на интернет корисниците, со цел нивно полесно таргетирање.
Меѓутоа, по грижите на јавноста за својата интернет приватност, Google планира целосно да ги отстрани „колачињата“ на својот прелистувач Chrome до крајот на 2023 година, додека пак прелистувачите Firefox и Safari, веќе блокираат „колачиња“ од трети страни.
Првата предложена алтернатива за „колачињата“ од страна на Google беа таканаречените FLoC-ови, скратеница за Federated Learning of Cohorts („Федерирано учење на групи“). Меѓутоа, јавноста не беше премногу воодушевена од овие FLoC-ови, бидејќи користеле чувствителни категории како расна и родова припадност.
Сега, Google објави нов предлог за алтернативна технологија која го носи името “Topics” („Теми“). Нивната цел е повторно да им ја олесни работата на огласувачите во таргетирањето, но без да идентификуваат специфични корисници, каков што е случајот со „колачињата“, а нема да користи ни чувствителни групни категории како во случајот со FLoC-овите.
Во суштина, „Темите“ ќе им овозможуваат на веб-прелистувачите да определуваат одреден број категории на интерес, базирано врз историјата на прелистување и пребарување на корисниците во изминатите три недели (податоците постари од три недели ќе бидат избришани). Кога некој корисник посетува веб-сајт кој користи „Теми“, технологијата ќе селектира три тематски категории, по една од секоја од изминатите три недели, кои ќе ги споделува за огласувачки цели.
Во однос на Chrome, Google планира да им озвоможи контрола на своите корисници да можат да ги видат нивните тематски категории, да отстанат некоја од индивидуалните теми, или пак да ја оневозможат функцијата воопшто.