Технолошкиот гигант Google потпиша договор со директорот и медиумски магнат Руперт Мардок, со кој се обврза дека ќе плаќа за содржината пласирана од страна на медиумите во сопственост на Мардок
News Corp, еден од најголемите светски медиумски концерни, во сопственост на австралиско-американскиот магнат Мардок, по потпишувањето на договорот ја информираше јавноста дека медиумите во рамките на концернот ќе ги споделуваат своите стории со Google во замена за значителни суми пари што Google ќе ги плаќа на News Corp.
„Ова е целта на нашата компанија повеќе од една деценија и јас сум задоволен што се менуваат условите за тргување, не само за News Corp., туку и за секој издавач“, рече Роберт Томсон, извршен директор на News Corporation.
Неколку години Мардок јавно ги повикуваше Google и другите платформи да учествуваат на овој начин во создавање на многу поквалитетно новинарство. Притисоците се засилија на крајот на 2020 година, особено во Австралија, која стана првата земја што го актуализираше ова прашање.
Договорот меѓу News Corp и Google беше потпишан неколку дена пред седницата на властите во Австралија, на која плаќањето за содржината треба официјално да се официјализира.
Покрај Австралија, Google минатата година објави дека може да започне со плаќање за висококвалитетни медиумски содржини ширум светот, поради што е лансиран новиот проект наречен Google News Showcase.
Според официјалните податоци, договорот помеѓу News Corp и Google е потпишан на три години, а во договорот стои дека и двете компании ќе соработуваат во создавањето на претплатничка платформа, споделувањето приходи од рекламирање и инвестирање во видео новинарство на YouTube.
News Corp на Мардок меѓу другите, е сопстврник и на американскиот весник „Волстрит журнал“ и корпорацијата „Фокс“, британските медиуми „Сан“ и „Тајмс“ и бројни медиуми во Австралија кои во моментов се дел од концернот „Њуз Корп Австралија“.