Група од 32 европски медиумски организации поднеле заедничка антимонополска тужба во вредност од 2,1 милијарди евра против технолошкиот гигант Google.
Во тужбата, поднесена во Холандија, се наведува дека овие медиумски организации претрпеле значителни финансиски загуби како резултат на антиконкурентните практики на Google во секторот за дигитално огласување.
„Без злоупотребата што Google ја прави на својата доминантна позиција, медиумските компании би добиле значително повисоки приходи од реклами и би платиле пониски такси за огласувачки технолошки услуги. Суштински, овие средства можеа да се реинвестираат во зајакнување на европскиот медиумски пејзаж“ – се вели во соопштението на адвокатските фирми Geradin Partners и Stek кои ги застапуваат тужителите.
Групата на тужители ја вклучува германската издавачка куќа Axel Springer, норвешката медиумска групација Schibsted, австрискиот весник Krone, белгиските компании DPG Media и Mediahuis, данската телевизија TV2 Danmark A/S, финската медиумска групација Sanoma, полската Agora, шпанската Prensa Iberica и швајцарската Ringer, меѓу останатите.
Од Google соопштија дека ќе се спротивстават на тужбата „енергично и со факти“. Правниот директор на компанијата, Оливер Бетел, изјави дека тужбата е „шпекулативна и опортунистичка“, тврдејќи дека компанијата соработува со издавачите и ги поддржува нивните бизниси со адаптирање и развивање на своите алатки за огласување во партнерство со нив.