Во 2015 година, 193 земји од Обединетите нации се согласиле околу Глобалните цели – листа од работи кои светот треба да ги постигне до 2030 година. Меѓутоа, според многумина, светот е далеку од тие цели и не се прави доволно напор за тие да се остварат.
Со цел подигнување на јавната и корпоративната свест за Глобалните цели, креативната агенција Karmarama и непрофитната организација Project Everyone создадоа иницијатива и кампања насловена “The World’s To-Do List” („Светската листа за она што треба да се направи“).
Имено, 17 Глобални цели за одржливост на Обединетите нации се реосмислени како 17 кратки задачи напишани на лепливи белешки, вклучувајќи „Стави крај на сиромаштијата“, „Справи се со климатската криза“, „Постигни родова еднаквост“ итн.
Кон иницијативата се приклучија повеќе брендови, и тоа: Arm, Avanti, Commvault, Diageo, DPD, Google, Mars, NTT, Reckitt, Salesforce, SAP, Unilever и Wood.
Секоја од компаниите ќе отстапи дел од својот физички и виртуелен простор за да ги промовира Глобалните цели на Обединетите нации, истовремено споделувајќи што тие конкретно прават за постигнување на тие цели.
Кампањата е лансирана за време на Неделата на глобалните цели, годишен настан кој треба да потсетува на Глобалните цели, а се случува за време на Самитот на Генералното собрание на Обединетите нации, кој се одржува од 20 до 26 септември.
Кампањата ќе вклучува и дополнителни активности за време на глобалната климатска конференција COP26 која треба да се одржи во ноември.