При прикажување на резултатите од пребарувањето, Гугл главниот фокус ќе го стави на изворот, односно оригиналната приказна во која е откриена некоја нова информација
Гугл најави промени во резултатите од пребарувањето кои се однесуваат на содржината што ќе се прикажува на врвот при пребарување на поими и настани. До сега, нивниот прелистувач ја фаворизираше најновата содржина поврзана со одредена тема, но Гугл сега сака да го промени тоа и на врвот, да ја прикаже изворната приказна за одредена тема, односно написот што открива информации кои „инаку не би биле познати“.
Ваквите нови информации секогаш ги пренесуваат и бројни други медиуми и со тек на време, оригиналната статија се губи меѓу бројните други резултати од пребарувањето, така што голем број на луѓе нема воопшто да ја прочитаат. Гугл сака да го поправи ова, така што новинарите и медиумите кои навистина ја откриле приказната и ја напишале оригиналната статија, да привлечат поголемо внимание од читателите. Исто така, при презентирање на резултатите од пребарувањето, пребарувачот ќе го земе предвид и изворот, односно кредибилитетот на изворот на кој е објавена содржината, што ќе зависи од „историјата на квалитетното новинарско известување“, како и од наградите кои ги медиумите или новинарите ги освоиле.
Во подесување на алгоритмот и тестирањето на вештачка интелигенција, кои се клучни за прикажување на најважните содржини, на „Гугл“ треба да му помогне глобална мрежа од повеќе од 10 000 луѓе кои на компанијата и` даваат податоци за квалитетот на резултатите од пребарувањето кои се прикажуваат на пребарувачот. Компанијата најави дека постојано ќе работи на „подобро разбирање на животниот циклус на вестите“ со цел на корисниците да им ги обезбедат најважните информации.