Кога на многумина сé уште не им е јасен системот за верификација на Твитер и кој сé може или не може да има сина ознака за верификација на социјалната мрежа, технолошкиот гигант Google се одлучи да го усвои препознатливиот симбол во својот сервис за електронска пошта, Gmail.
Оваа нова функција ќе им помогне на корисниците да идентификуваат дали испраќачот е доверлив или можеби се работи за измамник. Почнувајќи од сега, е-пораките испратени од компании со верификувани идентитети ќе имаат сино штиклирано знакче до името на испраќачот.
Воведувањето на сината ознака за верификација е дел од проектот Бренд индикатори за идентификација на пораки, што Google го започна во 2020 години. Еден од тогаш првите чекори на Google во оваа насока беше овозможувањето на претставници на компании да додаваат автентифицирани логоа кон нивните пораки. Тоа сега прераснува во сината ознака за верификација, што може да биде попривлечен индикатор за корисниците на прв поглед.
Преку „лебдење“ со компјутерскиот индикатор над сината ознака за верификација, треба да се појави следната порака: „Испраќачот на оваа е-пошта потврдува дека го поседува [доменот] и логото на профилната слика“. Корисниците потоа можат да кликнат на линк за да пристапат до повеќе информации.
„Силната автентификација на е-пошта им помага на корисниците и безбедносните системи за е-пошта да ги идентификуваат и запрат спамовите, а исто така им овозможува на испраќачите да ја ползуваат довербата кон нивниот бренд. Ова ја зголемува довербата во изворите на е-пошта и на читателите им нуди извонредно искуство, создавајќи подобар екосистем на е-пошта за сите“ – објаснуваат од Google.
Функцијата ќе биде достапна за сите корисници со лични сметки на Google, клиенти на Google Workspace, како и за клиенти на Legacy G Suite и Business.