(26.08.2020) – Нето приходите на Google од дигиталното огласување на американскиот пазар се очекува да паднат за 5.3% во однос на 2019 година, известува истражувачката компанија eMarketer. Тоа се случува за прв пат откако eMarketer започна да ги следи приходите од дигитално огласување на Google во 2008 година.
Се очекува дека технолошкиот гигант на крајот од годината ќе забележи приходи од 39,58 милијарди долари само од пазарот за дигитално огласување во САД, што сепак е 7 милијарди долари помалку од првичната проценка пред настапувањето на пандемијата на корона вирусот.
Како главна причина за тоа се наведува кратењето на буџетите за огласување во туристичкиот сектор. Имено, минатата година, туризмот бил „виновен“ за 11% од вкупните вложувања во огласување преку дигиталните пребарувачи во САД, при што најголемиот процент од тие вложување се слевале на контото на Google.
За разлика од Google, eMarketer предвидува дека Facebook и Amazon ќе забележат раст во своите приходи од дигиталното огласување. Се проценува дека приходите на Фејсбук од дигитално огласување ќе пораснат за 4,9%, додека пак Амазон ќе забележи раст од дури 23.5%.
Очекувањата се дека трите компании заедно (Google, Facebook и Amazon) ќе добијат 62.2% од сите пари за дигитално огласување на американскиот пазар во 2020 година.