За време на настанот I/O 2023, технолошкиот гигант Google претстави повеќе ажурирања и нови производи за претстојната година. Меѓутоа, она што предизвика најголем интерес кај јавноста е соопштението дека Google започнува со воведување на вештачката интелигенција во својот пребарувач, што преставува најголемата надградба на пребарувачот во последните неколку години.
Технолошката компанија ја нарече оваа надградба Search Generative Experience, а во суштина се работи за чет-бот кој наводно може да одговори на прашања како што би одговарал човек. Новата функција ќе биде интегрирана директно во пребарувачот на Google кој сите го користиме секојдневно.
Разликата ќе биде во тоа што, покрај резултатите на интернет линкови кои ве упатуваат кон други веб-страници, пребарувачот сега ќе вклучува и нов прозорец наменет за посебен одговор од вештачка интелигенција. Тој одговор вообичаено ќе се состои од пишан параграф кој ги „компајлира“ информациите од различните линкови во преварувањето, нудејќи им на корисниците унифициран одговор на нивното прашање без да треба да отвараат различни веб-страници за да го најдат тоа што го бараат. Се разбира, ќе има и дополнителни линкови и реклами, во зависност од прашањето на пребарувањето.
Во теорија звучи добро, меѓутоа останува да видиме како ќе функционира во пракса, имајќи предвид дека вештачката интелигенција знае да даде погрешни одговори на поспецифични прашања. Исто така, останува да видиме како воведувањето на новата функција ќе се одрази врз брзината на пребарувањето и како тоа понатаму ќе се одрази врз корисничкото искуство.
Таканареченото „Пребарувачко генеративно искуство“ на Google ќе започне да се имплементира во наредните недели, а пријавувањето за користење на функцијата е веќе отворено.