Последните неколку недели и не беа баш најсјајни за технолошкиот гигант Фејсбук. Од повеќе протечени документи, до големиот целодневен прекин во функционирањето на платформите, компанијата се соочи до бројни главоболки.
Меѓутоа, конечно пристигна една позитивна вест. Имено, според Фејсбук, тие успеале да го намалат говорот на омраза на платформата за скоро 50% во текот на последните три квартали.
Во моментот, само 0.05% од вкупните содржини на платформата се сочинуваат од говор на омраза. Компанијата очекува тој број да се спушти уште повеќе со имплементирањето на нови правила за заштита на јавните личности, кои беа најавени минатата недела.
Фејсбук објасни дека користеле алогоритам за детектирање содржини со говор на омраза, кои потоа биле проследувани до тим за ревизија, кој пак ја носел одлуката дали тие содржини треба да се избришат.
„Ние не сакаме да гледаме омраза на нашата платформа, ниту пак тоа го сакаат нашите корисници и огласувачи. Ние сме транспарентни за нашите напори да ја отстрануваме,“ посочува Гај Росен, потпретседател за интегритет во Фејсбук, додавајќи дека напорите на компанијата за ослободување од говорот на омраза претставуваат повеќегодишен подвиг.