Автор на оваа колумна е Коста Петров. Истата беше првично објавена за блогот на ЗОЈМ и можете да ја видите на овој линк. Во неа тој зборува за еден скорешен предизвик кога тој и неговата агенција работеле на подобрување на глобалниот имиџ за една држава. Како поминало сето тоа, прочитајте во продолжение..
Секојдневно на CNN се вртат минимум 10 реклами за промовирање на земји од целиот свет. Некои од нив ги прикажуваат убавините на земјата, другите економскиот потенцијал – но она што ги обединува сите реклами е нивната цел- градење на глобална репутација и имиџ на земјата.
Немам информации колкава е ефективноста на овие реклами и колку се зголемил бројот на туристи или инвестиции во земјите, но она во што силно верувам е дека градењето на репутација на една земја започнува дури по емитувањето на рекламата. Рекламата, како таква им ја нуди на гледачите совршената визија за земјата со сите нејзини убавини, но вистината е дека реалноста на повеќето од земјите е далеку поинаква од она што нас ни е презентирано.
На крајот од денот, доволно е да „изгуглаш“ некоја земја и да видиш дека иако одделот за туризам или економија во земјата се потрудил да креира светска реклама, реалноста на земјата, како и нејзиниот потенцијал се многу далеку од тоа што на нас како гледачи ни е презентирано. И токму во овој момент започнува вистинската работа на луѓето задолжени за градење на репутација на една земја.
Пред неколку месеци, од страна на владата на една земја ни беше побарано да креираме репутациска стратегија чија цел ќе биде да ја подобри репутацијата на земјата бидејќи рекламите кои биле направени биле критикувани на глобални ниво и наместо да донесат туристи и инвестиции во земјата, поголемиот дел од коментарите на светската јавност биле дека приказните на Дизни биле далеку пореални од кратките филмови направени од страна на владата.
Како агенција, знаевме дека ова ќе биде многу тешка задача. Реално, земјата за која работевме имаше огромен екомонски раст, но за жал од друга страна човечките права, како и правата на медиумите беа под нивото на западноевропските земји.
Наша цел како агенција беше, со лимитиран буџет, да креираме стратегија која ќе му помогне на клиентот, односно земјата, да го подобри глобалниот имиџ.
Стратегија која ќе биде базирана на тематика за која бевме сигурни дека нема да наиде на негативни коментари. Моравме да најдеме сегмент од општеството кој би бил пример за другите земји а во исто време нема да подложи на негативни коментари од гледачите и глобални експерти. Со еден збор, сакавме да ја прикажеме вистината, таква каква што е а не исфилувана со специјални ефекти кои на крајот од денот само ќе ја направат нашата работа покомплицирана.
Наместо да се фокусираме на многуте новоизградени објекти, луксузните резорти и екомонскиот потенцијал, после неколкунеделно макотрпно истражување, нашата одлука беше целата медиумска стратегија да се базира на тема за која 100% бевме сигурни дека нема да наиде на негативни критики. Темата околу која ја базиравме целата стратегија е религиозната толеранција во земјата.
Факт е дека земјата за која работевме имаше религиозна толеранција која може да биде пример за многу земји во светот. Во еден мал кварт во земјата можете да најдете и католички цркви и џамии и синагоги и православни цркви. Сигурни бевме дека ако успешно го прикажеме овој сегмент од општеството барем малку ќе ја подобриме репутацијата на земјата.
Земајќи предвид дека буџетот ни беше лимитиран бидејќи претходно бил потрошен на скапи реклами, првиот чекор беше да ги придобиеме глобалните новинари од моќните светски медиуми да пишуваат на оваа тема. Како го направивме тоа?
Ги искористивме нашите ресурси да креираме листа на 20-те најмоќни блогови во светот чија тематика е религијата. Лично ги исконтактиравме сите блогери и ги поканивме лично да ја посетат земјата и да бидат наши гости на патување кое го нарековме – Патот на религиозната толеранција. Тука би сакал да напоменам дека на ниту еден новинар не му плативме хонорар, туку ги подмиривме трошковите само за летот и сместувањето. Дел од блогерите и новинарите не можеа да дојдат поради претходно договорени обврски, но на крајот од кампањата за самата посета имавме потврдено 15 блогери и новинари од најмоќните блогови и медиуми во светот.
На самата тура, на блогерите и новинарите им дозволивме самите, без наше присуство да разговараат со лидерите од сите религии во земјата. Нашите гости за време на петдневната тура посетија и многу цркви, џамии и синагоги и разговарајќи со верниците добија слика за религиозниот соживот во земјата. Нашата мисија полека стана реалност.
Неколку дена по посетата почнуваа да пристигнуваат првите натписи, најпрво од блогерите а потоа и од големите медиуми како Хафингтон Пост, Фокс Њуз и СиЕнЕн. Иако имаа целосна слобода да напишат што сакаат за патувањето, сите блогери и новинари се фокусираа на толерантноста во земјата и ја посочија како земја која може да биде пример за многу светски земји за тоа како луѓе од различни религии можат да живеат во мир и хармонија.
Се разбира, стратегијата за градење на репутацијата на земјата не заврши тука, но она што е добро е тоа што преку овој проект успеавме да прикажеме дека иако земјата подложи на многу критики, сепак постојат сегменти кои можат да бидат пример за многу други земји.
За сите оние кои работат во одделите за градење на репутација за земјата, мојот совет е да размислат на креирање на реални кампањи кои ќе прикажат што ја прави нивната земја поразлична од другите. Вистината е дека секоја земја има своја убавина, и да, таа убавина треба да биде претставена, но тоа треба да биде само еден мал сегмент од целата стратегија. Пронајдете сегмент кој ќе ја прикаже уникатноста на земјата и наместо да трошите милионски суми на кампањи на кои не може да им се измери ефектот, креирајте стратегии кои ќе ги натера светските новинари самите да пишуваат за вашата земја.