Малопродажниот ланец Wickes во соработка со организација за борба против ракот на кожата, направи производ кој користејќи хумор се бори против предрасудите и спасува животи
Во Велика Британија градежните работници кои работат на отворено се соочуваат со најголем ризик од рак на кожата, па така во оваа земја секоја втора недела еден градежник умира од оваа болест. Сепак, еден од десет од овие работници сеуште не користи крем за заштита од сонце, сметајќи дека колегите ќе му се потсмеваат.
Оваа статистика ја поттикна компанијата која се занимава со продажба на градежен материјал Wickes да се здружи со организацијата Skcin која се бори против ракот на кожата, со цел да помогне во надминување на проблемот. Решението? Направен е крем за заштита од сонце посебно наменет за градежници и е достапен бесплатно во продавниците на Wickes. Кремата е достапна во три нијанси, Brickie’s Bronze, Plasterer’s Pink и Apprentice White, а спакувана е во минијатурни канти за боја.
На секој од садовите исто така, се напишани совети за тоа како да се сочува здравјето и повик до корисниците да ја посетат интернет страницата за дополнителни совети. Образовниот сегмент на кампањата продолжува со UV проверката на кожа пред Wickes продавниците, како и со видеото „Како да се препознае рак на кожата“ на YouTube страната на Wickes.
Целата кампања, од концепт до дизајн и спроведување, ја изработи агенцијата Iris, а креативниот директор Simon Mannion по повод кампањата изјави: „Користиме моќна алатка, хуморот, со цел да допреме до градежните работници и да им помогнеме да ги надминат бариерите поврзани со носење на кремот за заштита од сонце и да направиме оваа крема да биде составен дел од градилиштата подеднакво како и кацигата или челичните капачиња за чизми.“