Канцеларијата на Градоначалникот на Лондон лансираше нова кампања насловена “Say Maaate to a mate” („Кажете другааар на другар“), чија цел е да ги поттикне мажите меѓусебно да го адресираат сексистичкиот однос спрема жените и да се спротивставуваат на него.
Во центарот на кампањата се наоѓа интерактивен филм чиј наратив може да се развие во дури 270 различни насоки, во зависност од тоа во кој момент гледачот кликнува на копчето „mate“ кое инаку наликува на копчето „skip ad“.
Покрај интерактивниот филм достапен на интернет, кампањата исто така вклучува телевизиски реклами, постери, билборди, како и социјален и инфлуенсер маркетинг. Кампањата е поддржана од неколку познати лица од британскиот јавен живот, вклучувајќи го комичарот Ромеш Ранганатан, активистот Макс Селвуд и режисерот Коби Адом.
Со цел реализација на кампањата, канцеларијата на градоначалникот Садик Кан се здружила со креативната агенција Ogilvy UK, предводена од искусните креативци Дејв Андерсон и Иан Брасет и извршните креативни директори Никола Вуд и Енди Форест.