Во текот на оваа 2021 година, забележан е значителен пораст на семејното насилство во Грција, при што најгроморозен е податокот за 13 убиства на жени од почетокот на годината. Како „причина“ за повеќето од овие убиства била наведена „големата страст“ или „љубовта“.
Со цел подигнување на јавната свест за проблемот со семејното насилство, а по повод 25 ноември – Меѓународниот ден против насилството врз жените, еден од омилените грчки чоколадни брендови Lacta објави застрашувачки филм на кој не може да се остане рамнодушен.
Создаден од агенцијата Ogilvy Greece, четири-минутниот спот насловен „Никогаш немој да ме оставиш“ започнува со навидум идилична сцена за љубовта помеѓу двајца млади под топлото грчко сонце.
Меѓутоа, како што приказната се развива, „љубота“ на мажот се претвора во опсесија, а врската станува манипулативна, токсична и неиздржлива. Всушност, жената е заробена и нема никаква слобода во односот.
Кога таа конечно собира храброст да му раскине, приказната се претвора во трагедија.
Филмот завршува со предупредување до жените да внимаваат на карактеристичните знаци на психичко и физичко малтретирање, нудејќи дополнителни информации во соработка со невладината организација Diotima која е посветена на родовите права и еднаквост.