Еколошката непрофитна организација Greenpeace постави голем „портал“ на главниот плоштад Трафалгар во Лондон, преку кој емитува видео во живо од далечни колонии на пингвини на Антарктикот.
Целта на акцијата е да се подигне јавната свест за промената на животните услови на замрзнатиот континент, кој полека и го губи својот мраз поради климатските промни.
Според Greenpeace, нивната неодамнешна експедиција на Антарктик открила дека поради ефектите на климатските промени, една колонија на пингвини морала да се релоцира од брегот кон област во внатрешоста, која пак е премногу ладна за растењето на мали пингвинчиња.
„За време на пандемијата, повеќето од нас се почувствувавме прилично отсечени од природата, но светот околу нас сé уште постои, а места како Антарктик забрзано опаѓаат. Ние ги гледаме овие места на документарци и тие се чинат како друг свет, но тоа не е така – тие се нашиот свет“ – посочува Вил МекКалум, директор за океани во Greenpeace за Обединетото Кралство.
Инсталацијата на порталот доаѓа во пресрет на многу важно заседание на Обединетите Нации, закажано за март, кога светската организација треба да изнајде решение за постигнуавање „Глобален договор за океаните“. Доколку планот се исполни, една третина од светските океани можат да станат заштитена зона за природниот свет кој живее во нив.