Vogue Scandinavia е најновото регионално издание на магазинот за мода и животен стил Vogue. Првиот број е објавен овој месец, а на неговата насловна страница се наоѓа младата шведска еко-активистка Грета Тунберг.
„Не само што таа претставува уникатна скандинависка фигура и сила на промени, таа исто така ја отелотворува љубовта кон природата, стремежот за одржливост и непоколебливата бестрашност која се наоаѓа во јадрото на нашата визија“, истакнува главната уредничка на Vogue Scandinavia, Мартина Бониер.
Фотосесијата со Грета беше реализирана од страна на фотографското дуо Ирис и Матијас Александров Клум. На насловната фотографија, Грета е облечена во долг мантил создаден од рециклирани материјали, сместена во природен амбинет во придружба на исландски коњ по име Гандалф.
Во интервјуто за магазинот, Грета Тунберг ја критикува модната индустрија поради нејзиното негативно влијание врз животната средина, истакнувајќи дека многу брендови сакаат само декларативно да се прикажат како „зелени“, без вистински активности за промена.
Vogue Scandinavia пак себе се опишува како „најодржливиот магазин на планетата“, со главен приоритет да не остави негативна трага врз планетата. Затоа, магазинот примарно ќе се публикува и продава онлајн, со крајно лимитиран тираж во печатена форма.