Во текот на вчерашниот ден добив mail од Sebastien De Valck, креативниот директор на BBDO Белгија, во кој тој ме информираше за најновата кампања која тој и неговиот тим ја реализирале за нивниот клиент со надеж дека можеби би била интересна за споделување со македонската и балканската маркетинг јавност преку М365.
Не бев нешто особено изненаден од пораката бидејќи веќе во неколку наврати, повеќе агенции од Белгија, Австрија, UK и Германија ни праќаат официјални информации за своите нови кампањи, но ова го пишувам само да потенцирам колку тамошните агенции и нивни вработени се посветени во намерата нивната работа да биде презентирана во стручните маркетинг портали низ целиот свет и се грижат нивните кампањи да добијат публицитет и во земји како Македонија и регионот.
Веста за одличната кампања ја објавивме во текот на вчерашниот ден (BBDO ја искористи “морничавата“ страна на LinkedIn за супер паметна кампања) а веќе денеска и неколку други стручни портали од регионот го цитират Маркетинг365 и ја споделуваат кампањата со своите читатели, така што локалниот публицитет веќе стана регионален.
Во текстот кој ни беше испратен и кој го објавивме, името на испраќачот, во случајов креативен директор на агенцијата, се споменува само еднаш како дел од тимот креативци на крајот од статијата во делот “Заслуги“ и не е ништо повеќе експонирано од другите имиња на екипата. Акцентот е ставен на идејата, на изведбата и на резултатите. Баш тоа што е важно и како што треба !
Ова е еден одличен пример на грижа за својата агенција !
Агенцијата можеби формално е на сопствениците, но духот и главната вредност ја прават самите вработени и никогаш нема да биде клише муабетот дека вработените ја прават компанијата ! Тоа е навистина така !