Поврзана преку WPP Open, WPP Media ги обединува медиумските, податочните и продукциските капацитети на групацијата WPP за да испорачува креативна персонализација во размер за огласувачите
Британската адвертајзинг групација WPP ја лансираше WPP Media, нова медиумска компанија водена од вештачка интелигенција, која ја заменува GroupM како глобална медиумска платформа на WPP.
Со ваквиот чекор, WPP има за цел да ја зацврсти својата позиција во светот на маркетингот, одговарајќи на растечката побарувачка за интегрирани услуги. Новата WPP Media ќе управува со повеќе од 60 милијарди долари годишни медиумски инвестиции, соработувајќи со над 75% од водечките светски огласувачи во повеќе од 80 пазари. Агенциите Mindshare, Wavemaker и EssenceMediacom ќе продолжат да функционираат како дел од новата структура.
Работата на WPP Media ќе биде поддржана од WPP Open – маркетинг платформа водена од вештачка интелигенција, која ги поврзува медиумските, податочните, продукциските и трговските капацитети на групацијата. Со поддршка од 300 милиони фунти на годишно ниво, WPP Open овозможува високо персонализирани и скалабилни огласувачки решенија преку напредна технологија, споделени алатки и глобален талент.
Компанијата во следниот период исто така ќе продолжи да инвестира во развојот на човечките ресурси, со заложба за вложување во нови вештини и обуки за иднината. На овој начин, WPP Media се стреми да предводи во испораката на иновативни и интегрирани маркетинг стратегии, истовремено овозможувајќи им на своите вработени да напредуваат во ерата на вештачката интелигенција.
„Потрошувачите веќе очекуваат рекламите да бидат релевантни и ангажирачки, а искуствата при купување – беспрекорни; тие очекувања само ќе се зголемуваат во ерата на вештачката интелигенција. WPP Media е создадена за свет во кој медиумите се насекаде и во сè. Преку инвестициите во нашите ВИ производи, интеграцијата на понудата со податоци и технологии, како и едукацијата на вработените со вештини за иднината, им помагаме на нашите клиенти да останат чекор напред во однос на брзо менувачкото однесување на потрошувачите и да ги отклучат неограничените можности за раст што ќе ги донесе вештачката интелигенција“ – истакнува Брајан Лесер, извршен директор на WPP Media.
Генералниот извршен директор на WPP, Марк Рид, додава: „Веруваме дека WPP е најсилниот маркетинг партнер за водечките светски брендови во ерата на вештачката интелигенција, каде што технологијата и талентот се спојуваат. Преминот кон WPP Media е продолжение на нашата стратегија за поедноставување и интеграција на понудата за клиентите. Додека GroupM беше создадена во време кога медиумскиот обем беше најважен, WPP Media ја отсликува моќта на вештачката интелигенција, податоците и технологијата и нуди поедноставени, поинтегрирани решенија“.
„Нашата визија за иднината е јасна – маркетинг што е информиран од податоци, воден од беспрекорно поврзани тимови од блескави луѓе и исполнет со нови можности за нашите клиенти“ – заклучува Марк Рид.
Повеќе информации за новата WPP Media се достапни на официјалната веб-страница www.wppmedia.com.