GroupM, медиската инвестициска група на WPP, соопшти дека го унапредува Џош Кришефски на нова улога како генерален извршен директор на GroupM за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (EMEA), почнувајќи од 1 февруари. Тој исто така ќе ја извршува засебната функција како генерален извршен директор на GroupM за Обединетото Кралство.
Кришефски ќе ја наследи Демет Икилер, која се повлекува од функцијата генерален извршен директор на GroupM EMEA и WPP Country Manager за Турција на крајот на месецот, односно Карен Блекет, која беше извршен директор на GroupM во Обединетото Кралство до нејзиното унапредување на нова функција како претседател на WPP во Обединетото Кралство во септември 2022 година.
Во неговата нова улога, Кришефски ќе биде одговорен за управување со деловната стратегија, операциите и растот на GroupM низ Европа, Блискиот Исток, Африка и Обединетото Кралство. GroupM важи за една од водечките медиски инвестициски организации во EMEA и во Обединетото Кралство, со годишни ивестиции од 23 милијарди долари во огласување низ регионот и 32 отсто удел на пазарот. Компанијата вработува повеќе од 16.000 поединци на 42 пазари во Европа, Блискиот Исток и Африка преку нејзините агенции Mindshare, Wavemaker, EssenceMediacom и mSix&Partners, како и нејзиниот инвестициски оддел Motion Content Group и заедницата на експерти за перформанс маркетинг GroupM Nexus.
Кришефски, чие седиште се наоѓа во Лондон, е дел од GroupM од 2011 година кога првпат се приклучи на MediaCom како главен оперативен директор за EMEA. Оттогаш, тој одиграл клучна улога во растот, модернизацијата и секојдневното работење на агенцијата, а неодамна ја предводеше интеграцијата на EssenceMediacom како глобален генерален оперативен директор.