Министрите за финансии на Г7 во саботата во Лондон постигнаа договор за оданочување на мултинационалните технолошки гиганти, објави на Твитер британскиот министер за финансии Риши Сунак.
“Пресреќен сум што можам да објавам дека денес, по повеќегодишни дискусии, министрите за финансии на Г-7 постигнаа историски договор за реформа на глобалниот даночен систем“, објави на Твитер Сунак.
Министрите за финансии на Г-7 се согласија за минимален данок на добивка од најмалку 15 проценти што треба да се утврди од земја до земја, напиша Сунак.
Овој договор е важна основа за понатамошен договор за време на форумот Г20 и тој треба да стави крај на децениската „трка кон дното“ во која земјите се натпреваруваа за привлекување на гигантските компании со сè пониски даночни стапки и олеснувања.
Но, тоа ги чинеше стотици милијарди долари – недостаток што сега сакаат да го надокнадат што е можно побрзо, за да можат да ја забрзаат економијата уништена од пандемијата на корона вирусот.
Мултинационалните компании како Гугл, Амазон и Фејсбук плаќаат малку или воопшто не плаќаат даноци, а богатите нации со години се обидуваат да договорат начин како тоа да го променат.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден им даде нов поттик на преговорите со предлагање на минимална даночна стапка од 15 проценти, што е повисока отколку во земјите како Ирска, но под најниското ниво во Г7.