Популарната американска поп-пејачка Мајли Сајрус официјално влезе во метаверзумот, и тоа како заштитно лице на новиот парфем на Gucci по име “Flora Gorgeous Jasmine”.
Дигиталниот аватар на Мајли Сајрус може да се најде во брендираната парцела на модниот бренд, Gucci Town, во виртуелниот свет Roblox. Ова ја означува првата соработка на Gucci со некоја позната личност како дел од напорите да го прошири своето присуство во метаверзумот.
Откако фановите ќе се најдат во внатрешноста на виртуелната кампања, тие можат да се прошетаат по “Улицата на селфиња” каде можат да направат фотографија со аватарот на Мајли Сајрус. Фановите исто така ќе можат да учествуваат во различни игри и предизвици поврзани со новиот парфем, како и да купат виртуелно шишенце од мирисот.
Gucci, како и неколку други истакнати брендови на луксузна мода, веќе една година значително инвестираат во метаверзумот. Минатата година, брендот имплементираше друга кампања во Roblox, насловена “Gucci Garden Archetypes”, а потоа во мај го лансираше и Gucci Town, како виртуелна рекреација на нивната физичка концептуална продавница Vault.