Јазикот на едно од најголемите малцинства во Европа не е застапен на Google
Ромското малцинство е едно од најголемите етнички малцинства во Европа. Се проценува дека 10 до 12 милиони Роми живеат во Европа и се меѓу најсиромашните популации во ЕУ, кои се соочуваат со социјална исклученост, нееднаков пристап до образование, вработување, домување и здравствени услуги . Ромскиот јазик е главно говорен јазик, книги генерално не постојат, нема печатени медиуми на ромски јазик, па затоа Ромите не учат, не читаат, ниту пишуваат на ромски јазик.
Vice, меѓународно уредништво кое од своето основање се бори против дискриминацијата, заедно со граѓанската платформа Aresel и порталот Scena 9, ја започнаа кампањата „ИНТЕРНЕТОТ УЧИ РОМСКИ“, чија цел е објавување на пишани содржини на ромски јазик на Google. Ако има доволно содржина на интернет, Google ќе го препознае ромскиот јазик и ќе понуди преводи од и на ромски јазик.
Првиот напис кој Vice го објави на ромски јазик можете да го прочитате на: https://www.vice.com/ro/topic/vice-in-limba-romani
Според студијата на Агенцијата за основни права на Европската унија, само 15% од ромските деца во ЕУ завршуваат средно училиште. Да бидат работите уште полоши, 20% од Ромите постари од 16 години вклучени во студијата се неписмени. Во Романија работите се уште полоши: 22% од ромските деца над 6 години не одат на училиште, а 31% од Ромите над 16 години се неписмени.
„Секој треба да има право да учи на својот мајчин јазик. Ако ова е премногу за да се побара во овој момент од нашата историја, тогаш барем секој треба да има право на пристап до содржина на својот мајчин јазик. Ова ќе им даде на луѓето уште една причина да научат да читаат и пишуваат. Ние веруваме дека постои поврзаност помеѓу фактот што нема напишани содржини на ромски јазик и голем број неписмени и напуштени училишта меѓу Ромите. Пристапот до пишана содржина на нивниот мајчин јазик може да ја ублажи мрачната статистика во иднина. Мора да започнеме од некаде, а одлучивме да започнеме со Гугл. Ние нудиме решение кое што многу онлајн публикации, училишта и веб-страници можат да го усвојат. Постои огромен напор во преведувањето на содржината на ромски јазик, бидејќи има мал број преведувачи од и на ромски. Но, тоа може да се направи и ние не застануваме тука “, изјави Ципријан Некула, координатор за граѓанската платформа Аресел.
„Откривме дека доколку има доволно преведени содржини на интернет, вештачката интелигенција на Google Translate ќе започне да ги учи. Со копирање на која било содржина на јазик што го разбира Google, тој ги анализира јазичните обрасци и е во состојба да научи сосема нов јазик. Тоа може да биде средство за легитимирање на културата, креирање преку учење на ромски јазик, наоѓање забава на ромски јазик, игри, прирачници и отстранување на стигмата на одредена култура“, изјави Јоана Замфир, ECD MRM Romania.
„Технологијата е неверојатна бидејќи го забрзува напредокот. Овој пат сакаме да ја искористиме за да ја забрзаме интеграцијата. Google докажа дека игра важна улога во обликувањето на светот и поддршката на културите. Интегрирањето на ромскиот јазик во Google Translate, може да помогне за развој на културата и да направи разлика во животот на повеќе од 12 милиони луѓе“, додаде Каталин Добре, CCO McCann Worldgroup Romania & Regional CD McCann Central Eastern Europe.
„Ова мора да се случи не само во Романија, туку и во сите земји кои имаат ромски заедници. Бугарија, Шпанија, Италија, Велика Британија, Грција, да наведеме само неколку. Потребни ни се што повеќе двојазични преводи. Ако некој сака да достави статии за превод, содржина на веб-страница, онлајн книги, менија за ресторани, може лесно да ги постави на страната на кампањата www.internetlearnsromani.com
Имаме група преведувачи кои ни помагаат, но ни треба повеќе. Затоа, ако некој што зборува ромски сака да ни помогне во преводот, тоа може да го стори со регистрација на сајтот. „Ако има доволно содржина на интернет, машината ќе знае што да прави со неа, а Гугл наскоро ќе го преведува и ромскиот јазик“, заклучи Адријан Тудор, Аресел.