Технолошкиот гигант Google лансира нова платформа за вести наречена News Showcase, издвојувајќи глобален буџет од 1 милијарда долари за да ги компензира новинските агенции и издавачи кои ќе придонесуваат кон него.
Издавачите веќе подолго време се „борат“ против најпопуларниот пребарувач во светот за да добијат компензација во однос на нивните содржини. Во изминатиот период особено ревносни беа европските и австралиските издавачи, кои таквата компензација сакаат да биде регулирана и со закон.
Генералниот извршен директор на компанијата, Сундар Пичаи, минатата недела најави дека платформата Google News Showcase најпрво ќе биде лансирана во Германија и Бразил, каде компанијата веќе потпишала договори со германските издавачи Der Spiegel, Stern и Die Zeit, односно бразилските Folha de S.Paulo, Band и Infobae.
Платформата наскоро треба да биде лансирана и во други држави низ светот како Белгија, Индија и Холандија, а Google досега склучиле договори со околу 200 различни издавачи од Аргентина, Австралија, Британија, Бразил, Германија и Канада.