„Епл“ им дозволи на корисниците на своите уреди брзо и лесно да им забранат на девелоперите и огласувачите да ги следат нивните онлајн активности, а сега слична можност најави и „Гугл“.
Иако е јасно дека во дигиталниот свет во кој живееме, не постои целосна приватност, во последно време се повеќе корисници се загрижени за личните податоци на интернет кои што лесно се споделуваат со бројни технолошки компании. Делумно поради критиките од корисниците, а во голема мера и поради тоа што се најдоа под лупа на регулаторите, големите технолошки компании воведуваат некои промени што им овозможуваат на корисниците можност за подобра заштита на нивната приватност и личните податоци.
Еден таков потег во однос на заштитата на потрошувачите неодамна направи „Епл“. Новата верзија на оперативниот систем iOS им овозможува на корисниците лесно и со само еден клик на главниот екран да им оневозможат на апликациите и огласувачите да ги следат нивните онлајн активности. Овој потег, кој наиде на критики од страна на девелоперите и огласувачите, како и компаниите како „Фејсбук“, не значи дека на корисниците веќе нема да им се прикажуваат реклами, тука дека тие нема да бидат засновани на онлајн активностите на корисниците.
По стапките на „Епл“ тргнува и „Гугл“, компанијата што најмногу заработува токму од онлајн рекламирање, дозволувајќи им на корисниците на телефони со Android да им забранат на апликациите и девелоперите да ги следат нивните онлајн активности. Иако корисниците на Android и сега имаат можност да оневозможат персонализирани реклами, и покрај тоа програмерите сè уште имаат пристап до Advertising ID, што е ознака специфична за уредот. Преку Advertising ID, девелоперите можат да го следат користењето на апликацијата, односно оваа ознака им овозможува на огласувачите да следат и блокираат лажен сообраќај кон апликацијата.
Промената најавена од Гугл ќе го оневозможи и овој начин на следење на корисниците, а Advertising ID повеќе нема да биде достапен за девелоперите и огласувачите. Оваа промена ќе стапи на сила кон крајот на оваа година за сите уреди со оперетивен систем Андроид 12, односно на почетокот на следната година за сите уреди што поддржуваат Google Play.
Од Гугл велат дека за посебни случаи како што се аналитика и спречување измама, тие подготвуваат алтернативно решение што ќе го замени Advertising ID, а кое ќе го презентираат следниот месец.