Според документи и извори до кои дошол весникот „Фајненшал Тајмс“, американскиот технолошки гигант Гугл и нивниот конкурент Мета соработувале на заеднички таен проект за таргетирање на малолетници, заобиколувајќи ги сопствените правила за огласување.
Проектот наводно бил дизајниран да ги таргетира корисниците на видео платформата ЈуТјуб од 13 до 17 години со реклами кои ја промовирааат апликацијата за споделување фотографии и видеа Инстаграм.
Кампањата намерно таргетирала група корисници означени како „непознати“ во системот за огласување на Гугл, со знаење дека рекламите се насочуваат кон лица под 18 години. Документите кои наводно биле видени од Фајненшал Тајмс сугерирале дека се преземени чекори за да се прикрие вистинската намера на кампањата.
Проектот ги занемарувал правилата за огласување кои што Гугл сам ги одредува, а забрануваат персонализирање и таргетирање реклами на лица помлади од 18 години, вклучително и прикажување реклами врз основа на демографски податоци. Компанијата исто така има јавни правила против заобиколување на упатствата за огласување преку „прокси таргетирање“.
Според изворите на Фајненшал Тајмс, тајната соработка започнала кон крајот на минатата година, а првично била тестирана на пазарот во Канада во март и април оваа година. По привидниот успех, кампањата започнала да се тестира и на пазарот во САД во мај годинава. Компаниите наводно планирале да го прошират проектот и на други меѓународни пазари, но и да промовираат други апликации на Мета, како што е Фејсбук.
Целта за Гугл била да ги зголеми приходите од огласување, а за Мета да го задржи вниманието на помладите корисници во услови на брзорастечка конкуренција од ривали како што е ТикТок.
Од Фајненшал Тајмс побарале одговор од двете компании, кои ги демантирале наводите за какво било прекршување на правилата.
„Забрануваме рекламите да бидат персонализирани за луѓе под 18 години, точка. Овие политики во голема мера го надминуваат она што се бара од нас и се поддржани со технички заштитни мерки. Потврдуваме дека овие заштитни мерки функционираа правилно во овој случај“ – одговориле од Гугл, додавајќи: „Ние, исто така, ќе преземеме дополнителни активности за да ги потсетиме претставниците на одделот за продажба дека не смеат да им помагаат на огласувачи или агенции да водат кампањи кои се обидуваат да ги заобиколат нашите политики“.
Од Мета изјавиле дека не се согласуваат со заклучокот дека изборот на „непозната“ публика претставува персонализација или заобиколување на какви било правила, додавајќи дека се придржуваат до сопствените политики, како и до оние на своите соработници кога станува збор за огласување на своите услуги.
Според Фајненшал Тајмс, проектот во моментот е откажан, согласно сведоштвото на лице запознаено со одлуката.