Пивскиот бренд Heineken лансираше нова глобална кампања во која го слави враќањето на фудбалските ривалства во пресрет на Европското првенство, кое требаше да се одигра минатата година, но беше одложено поради пандемијата.
Централниот спот на кампањата насловена „Finally Together“ („Конечно заедно“) прикажува навидум пријателски интеракции помеѓу фановите на различни ривалски репрезентации како Англија и Шкотска, Германија и Полска, Франција и Италија, Шпанија и Португалија, како и Русија и Белгија.
Меѓутоа, овие навидум добронамерните интеракции имаат и своја „недобронамерна“ страна, која е повеќе пријателско задевање отколку некакво непријателство. Па така, една Германка си прави селфи со телефонот на група полски навивачи наместо да ги фотографира, еден Шпанец им посочува погрешни патни насоки на португалски навивачи, италијански пица мајстор им пишува „Напред Италија!“ со кечап на пицата на пар француски навивачи, руска продавачка на белгиски навивачи им продава чадор со натпис „Русија“, а еден Шкот на својот англиски пријател му подарува Хајнекен брендиран во боите на Шкотска.
Кампањата е создадена од страна на агенцијата Le Pub, специјален оддел на Publicis Groupe посветен исклучиво на брендот Хајнекен.
За време на првенството, како дел од кампањата, Хајнекен ќе избира и најдобар играч т.е. ѕвезда на натпреварот по завршувањето на секој од 51 фудбалски соочувања на првенството.