Поради самата природа на баровите, во голем број на држави тие беа затворени со цел да се спречи ширењето на корона вирусот. Во некои места, тие останаа затворени скоро цела година. Поради тоа, повеќето од нив се соочуваат со проблеми во своето деловно работење и едвај врзуваат крај со крај.
Во еден таков контекст, пивскиот бренд Heineken се одлучи финансиски да им помогне на дел од овие бизниси, така што нивните затворени прозорци и врати ги откупи како огласувачки простор додека тие повторно не се отворат.
Наместо да го троши својот медиски буџет на типични out-of-home огласувачки простори, Heineken и нивната креативна агенција Publicis Italy ги искористија затворените прозорци и врати на 15 барови во Барселона за да постават позитивни пораки за нивното идно отворање.
„Гледајте ја оваа реклама денес, уживајте во овој бар утре“ и „Иако можеби не се чини така, овој бар не е затворен – тој собира сила“, се дел од пораките кои може да се прочитаат на рекламите на Heineken.
Од компанијата се надеваат дека оваа кампања, насловена Shutter Ads, ќе им ја даде потребната финансиска инјекција на сопствениците со цел да можат да ги одржат своите бизниси, истовремено подигнувајќи го нивниот, како и духот на клиентите, дека баровите наскоро ќе почнат повторно да се отвораат.